Биографија

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ
 

Претседателот д-р Ѓорге Иванов е роден во Валандово, на југоистокот на Македонија, на 2 мај 1960 година. По завршувањето на основното и средното образование во Валандово, ги започнал студиите по право на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

 

За време на студиите, започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации. Во 1988 година почнува неговата седумгодишна новинарска кариера во Македонската Телевизија, каде напредувал до позицијата уредник во Третата програма. Во текот на медиумската кариера бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем. Со распадот на еднопартискиот модел и диригираната економија на тогашна Југославија, активизмот на Ѓорге Иванов во младинските движења беше насочен кон промовирање на политичкиот плурализам и пазарната економија. Оваа активност ја продолжува на Универзитетот, на кој почнува со работа во 1995 година. Магистрира политички науки на темата „Цивилно општество – новите контрадикторности на старата расправа“. Неговиот докторат е насочен кон градењето на демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија.


На Правниот факултет, кој долго време е центар на македонскиот политички живот, професор Иванов работи на претставување нови научни погледи на политиката меѓу своите студенти, на кои им предава политичка теорија и политичка философија. Притоа, тој промовира нови методи на предавање, помагајќи да се отвори македонската академска заедница кон западните универзитети, носејќи модерна литература, политички списанија и поврзувајќи ги македонските факултети во раните фази на развојот на интернетот. Во 1999 година е именуван за визитинг професор на Програмата за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина, Грција. Свесен дека отворањето на Македонија кон Запад ќе биде процес за кој се потребни напорите на повеќе генерации, професор Ѓорге Иванов стана активен во ТЕМПУС програмата на Европската Унија за Македонија, воведувајќи реформи во наставната програма и магистерски програми на англиски јазик.

Ѓорге Иванов е водечки експерт во полето на цивилното општество и меѓу првите кој вовел систематско проучување во македонската академска заедница. Тој бил консултант на врвни аналитички и истражувачки центри. Генерации на лидери ја минале неговата обука за политички менаџмент. Професорот Иванов е меѓу ко-основачите на првото македонско списание за политичка наука – Политичка мисла. Тој е основач и почесен претседател на Македонската политичка асоцијација. Иванов е и еден од основачите на Институтот за демократија,  солидарност и цивилно општество, реномиран аналитички центар во Македонија кој помогна да се обликува македонската политичка сцена и кој насочи многу млади таленти во политиката. Иако никогаш не бил партиски член, професорот Ѓорге Иванов беше активен во формулирањето на реформската програма на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која го номинира за претседателски кандидат на изборите во 2009 година. На овие претседателски избори Ѓорге Иванов победи со високо мнозинство од гласовите.

 

Во текот на неговиот мандат како Претседател, професор Ѓорге Иванов бил повеќепати поканет како предавач на реномирани универзитети во европските центри. Во октомври 2009 година, на Универзитетот во Анкара му беше доделана титулата Почесен доктор на науки на ТОББ Универзитетот за економија и технологија, еден од најренонимираните приватни универзитети во Туриција, при штоПретседателот говореше на тема „Милет системот – заборавена историја или рецепт за иднината“. Титулата почесен доктор на науки на Претседателот Иванов,втор пат во неговиот мандат,му ја додели Ректорот на Универзитетот Истанбул во март 2011. Во таа свечена прилика професорЃорге Иванов одржа предавање на тема „Мегалополисите како модел за управување на општествата на 21-виот век“. Последниот од низата почесни докторати на Претседателот Иванов му беше доделен во Букурешт, Романија, на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир" во октомври 2011 година. Во септември 2011 година, претседателот Иванов беше одликуван со највисокиот Орден на редот на „Св. Лазарус" од Ерусалим.

 

Претседателот Иванов е оженет и има еден син.