Петок, 10 Септември 2010
Совет за меѓународни односи
Печати Е-пошта

Мисијата на Советот за меѓународни односи на Претседателот на Република Македонија е разгледување на прашања кои се однесуваат на надлежностите на Претседателот на Република Македонија, особено на полето на надворешните работи, проценка на актуелните политики, развивање на стратешки планови и изнесување на предлози и иницијативи кои имаат за цел подобрување на меѓународната политичка, економска и културна дипломатија на Република Македонија. Советот за меѓународни односи е советодавно тело на Претседателот на Република Македонија, сочинето од домашни и странски експерти по меѓународно право, меѓународни политички односи и дипломатија. Советот за меѓународни односи како неформално советодавно тело на Претседателот ќе одржува по две седници секоја година на различни теми од неговата надлежност, и за кои ќе усвојува конкретни заклучоци. На седниците на Советот, во зависност од темите за кои ќе се дебатира, ќе бидат поканувани и актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри за надворешни работи, како и поранешни и актуелни шефови на меѓународни организации. Во Советот за меѓународни односи меѓу другите членуваат амбасадорите Димитар Мирчев, Ристо Никовски, Никола Тодорчевски, Јордан Плевнеш, професорот на „Њујорк Колеџ“ од САД,  д-р Роберт Хислоп како и д-р Волфганг Шток, новинар, политички аналитичар и биограф на Ангела Меркел.