Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Четврток, 31 Декември 2015   

n2016Почитувани граѓани на Република Македонија,

Новата година отсекогаш ги буди најискрените чувства и очекувања кај секој од нас.

Затоа сите ние со нетрпение очекуваме старото што побргу да пројде, за новото да дојде и со себе да донесе нова надеж. Надеж дека во годината што доаѓа ќе имаме здравје, ќе шириме љубов и милост, ќе живееме во радост и во среќа. Надеж дека таа радост ќе можеме да ја споделиме со нашите ближни.

Затоа, да им посветиме љубов и внимание на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели.

Да бидеме солидарни кон болните, немоќните и кон секој што има потреба од наша поддршка и помош.

Да бидеме благодарни кон храбрите чувари на нашата безбедност поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува.

Драги сограѓани,

Имаме историска одговорност пред нашите потомци да им ја оставиме Македонија посилна и поуспешна, отколку што ја наследивме од нашите предци.

Затоа, сплотени, со чувство за државност и за сувереност да продолжиме да ја градиме Македонија според највисоките европски вредности, стандарди, критериуми.

Да продолжиме да градиме праведно општество втемелено врз мирот, вистината и слободата.

Да си простуваме и да се почитуваме.

Да бидеме и упорни и трпеливи.

И, во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина.

Празниците што ни доаѓаат во секој наш дом нека донесат семејна радост, љубов и среќа. Да имаме мир, напредок и успех насекаде и за секого.

Ви посакувам среќна и бериќетна Нова 2016-та година!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад