Соопштенија
Данска е силен поддржувач на проширувањето – средба со данскиот министер за европски прашања, Вамен
Понеделник, 14 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Министерот за европски прашања на Кралството Данска, Николај Вамен.

Клучни теми на разговор меѓу двајцата соговорници беа претстојниот Европски совет во јуни и можноста за деблокада на ЕУ интеграциите преку добивање на датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија, како и перспективите за продлабочување на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Кралството Данска.

Потенцирајќи дека дијалогот на високо ниво не е замена за преговорите за членство, претседателот Иванов изрази очекување дека Данска како актуелен претседавач со Европската Унија, на Советот во јуни ќе го отвори прашањето за Македонија и ќе го поддржи одредувањето на датум за почеток на претпристапните преговори за членство. Претседателот Иванов изрази надеж дека преку целосно почитување на Времената спогодба, пресудата од Хаг,  како и позитивните примери од регионот на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики, до деблокада на европските и евроатлантските интеграции е можно да се дојде. Воедно, претседателот Иванов ја нагласи подготвеноста на Република Македонија низ дијалог, со конструктивен пристап и со целосно почитување на рамката во која се водат разговорите, да се дојде до заемно прифатливо решение за наметнатиот спор, за што е неопходен идентичен пристап и од нашиот сосед.

Министерот Вамен, изрази задоволство од текот на реформските процеси во земјава,  и упати честитки за отпочнувањето и постигнувањата од дијалогот на високо ниво со Европската Унија. Тој нагласи дека Данска, и во својство на претседавач, но и билатерално, останува силен поддржувач на проширувањето и дека во рамките на можностите прави напори сите земји од регионот на Западен Балкан, вклучително и Република Македонија, да направат исчекор во интеграциите. Министерот Вамен истакна дека нерешениот спор за името со Република Грција останува пречка на македонскиот пат кон ЕУ и дека Данска ги охрабрува и посакува  двете страни низ дијалог да изнајдат заемно прифатливо решение.

Двајцата соговорници искажаа интерес за зајакнување на севкупната билатерална соработка меѓу двете земји и за интензивирање на контактите, со оглед на фактот дека досега немало средба на највисоко ниво.


Објавен конкурсот за учество во Школата за млади лидери на претседателот Иванов за 2012 година
Сабота, 12 Мај 2012

Инспирирање и развој на исклучителни млади лидери
20 -31 август 2012 година

ПОКРОВИТЕЛ: Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба преку нивните лидерски вештини да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Програмата опфаќа предавања од лидерството и менаџментот со еминентни  предавачи и гости од земјата и странство, менаџмент симулации и практични вежби. Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик. Бројот на учесниците е ограничен.

Право на учество имаат сите млади од Република Македонија и деца на наши иселеници што живеат во странство. Трошоците за сместување со полн пансион, ќе бидат покриени од страна на Претседателот на Република Македонија, како покровител на оваа програма.

Услови за конкурирање:

• Одлично познавање на англиски јазик
• Просек од високо образование да биде еднаков или поголем од 8.5 (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство)
• Работно искуство од една до пет години како и магистратура од соодветната област ќе се смета за предност.

Потребни документи за Апликација:

• Две препораки од вашата организација, компанија или факултет. 
• Потврда за одлично познавање на англиски јазик.
• Копија од Уверение за положени испити.
• Биографија
• Кратко мотивациско писмо

Комплетната апликација да се испрати по пошта најдоцна до 23 мај 2012 година, на следнава адреса:

Кабинет на Претседателот на Република Македонија 
(Комисија за „Школа за млади лидери“)
„Вила Водно“
Ацо Караманов, 33А
МК-1000 Скопје


Честитка до претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј по повод 9 мај, Денот на Европа
Среда, 09 Мај 2012

Почитуван господине Претседателе,
Ми претставува особено задоволство, по повод 9 мај, Денот на Европа, во име на граѓаните на Република Македонија, како и во мое лично име, да Ве поздравам и да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за напредокот на Европската унија и нашиот заеднички дом - Европа.

Одбележувајќи ја 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за Европската унија, верувам дека треба да се присетиме на ветувањата врежани во историскиот договор од Мастрихт. Пред две децении, европското лидерство ја потврди својата “приврзаност кон принципите на слобода, демократија и почитување на човековите права и фундаменталните слободи и владеењето на правото“, во исто време “сакајќи да ја продлабочи солидарноста меѓу народите истовремено почитувајќи ја нивната историја, нивната култура и нивните традиции“. Во изминатите децении, овие идеали донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на регионот на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното мулти-етничко, мулти-религиско и мулти-јазично општество.

Имајќи ја предвид моќта на европската идеја да помирува и да обединува, ја користам оваа свечена пригода да ја искажам нашата благодарност за поддршката и насоките што Европската унија и ги даде на Република Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат. „Оваа Европа останува отворена за сите држави. Длабоко се надеваме дека други држави ќе ни се приклучат во нашиот заеднички напори,“ се вели во Декларацијата за Европа потпишана од основачите на Обединета Европа во 1951 година. Би сакал да Ве уверам, Господине Претседателе, дека, и покрај бројните и неправедни пречки, македонските граѓани остануваат посветени на остварувањето на сонот за членство во напредното Европско семејство на народи. Очекувам да го видам денот кога мојата земја ќе стане полноправна членка на Европската унија, со споделени права и обврски. Силно верувам дека во наредниот период ќе можеме да ги започнеме преговорите за членство во Европската унија. Во овој процес, ние не сакаме привилегии, туку истите критериуми кои се применуваа за другите земји-членки на Унијата. Од ова секако бенефит ќе имаат не само мојата земја, туку и регионот и Европа.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до новоизбраниот претседател на Француската Република, Франсоа Оланд
Понеделник, 07 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до новоизбраниот претседател на Француската Република, Франсоа Оланд:

Почитуван господине Оланд,

Ми претставува особена чест и задоволство, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот избор за претседател на Француската Република. Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за многу здравје и лична среќа.

Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена прилика да изразам задоволство од досегашниот развој на односите кои се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа. Воедно, би сакал да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на односите меѓу нашите пријателски земји во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Исправноста на нашите желби и напори беше потврдена и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година, која нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Се надевам дека ќе ја имаме Вашата и поддршката на Француската Република во нашите напори за деблокирање на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија. Искрено се надевам на Вашата поддршка во претстојниот исклучително значаен период, особено пред и за време на Самитот на НАТО во Чикаго, како и на претстојниот состанок на Европскиот совет.

Со такво уверување, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до рускиот претседател Владимир Путин за преземањето на функцијата
Понеделник, 07 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Владимир Путин, новиот претседател на руската Федерација, за преземањето на функцијата:

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особена чест и задоволство, да Ви упатам најискрени честитки за преземањето на функцијата претседател на Руската Федерација. Воедно, Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за многу здравје и лична среќа.

Ја користам оваа свечена прилика да го изразам задоволството од висoкиот степен на традиционално пријателските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација. Верувам дека ќе се согласите со оцената дека веќе подолг период се чувствува позитивната динамика во односите меѓу нашите земји. Политичкиот дијалог на високо и највиско ниво претставува гаранција за натамошно унапредување и продлабочување на плодната соработка во сите сфери од заемен интерес, особено на економски, енергетски, културен и научно-образовен план. Очекувам ваквата соработка и достигнатото ниво на политички односи со заемен ангажман да продолжи во периодот што следи.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до полскиот претседател Коморовски по повод Националниот ден на Република Полска
Четврток, 03 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до полскиот претседател Бронислав Коморовски по повод Националниот ден на Република Полска:

Имам особена чест и задоволство, по повод Националниот ден на Република Полска, во свое име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен напредок на Вашата земја и за благосостојба на пријателскиот полски народ.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да ја изразам својата увереност дека односите и соработката меѓу нашите две земји ќе бележат уште понагласен интензитет во сите сфери од заемен интерес.

Република Македонија и нејзините граѓани високо ја ценат досегашната поддршка на Република Полска, за напорите за наше целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Имајќи ги предвид заедничките заложби и визии за обединета, демократска и просперитетна Европа, убеден сум дека поддршката од Република Полска ќе ја имаме и во периодот што претстои, особено пред и за време на Самитот на НАТО во Чикаго, како и на претстојните состаноци на Европскиот совет.

Господине Претседателе, со надеж дека наскоро повторно ќе имаме можност да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 47