Новости
Во надворешната политика градиме заеднички државни ставови - Претседателот Иванов во посета на МНР
Среда, 09 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го посети Министерството за надворешни работи каде со ресорниот министер Никола Попоски разговараше за стратешките определби на Република Македонија во доменот на надворешната политика, сфери во кои споделуваат заеднички надлежности.

При посетата која традиционално се одржува еднаш годишно, претседателот Иванов беше информиран за состојбите во регионот и Европската унија, за претстојното преземање од страна на Македонија на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа што ќе се случи во јуни. На средбата со министерот за надворешни работи и политичките директори се разговараше и за прашања кои бараат особено внимание, вклучувајќи го и влијанието на економската криза која се случува на глобален план, но се чувствува и во регионот и во земјава, и се одразува на надворешната политика.

„Оваа соработка која ја остваруваме со МНР веќе дава видливи резултати и затоа искажав голема благодарност и на министерот и на Министерството што при сите надворешно-политички активности градиме заеднички ставови и се усогласуваме за оние прашања за кои како држава треба да имаме единствен став,“ истакна претседателот Иванов.

Запрашан дали ја разгледувале можноста за редефинирање на амбасадорскиот состав, шефот на државата изјави дека тоа е тековна активност со оглед на тоа што на некои амбасадори им истекува мандатот, а други се поставуваат за дипломатски претставници на земјата.

„Тоа е процедура која се одвива во текот на неколку месеци, се знае кога завршува мандатот на амбасадорите и кога почнува таа постапка. Како одговорна земја ние се однесуваме согласно меѓународните стандарди и принципи. Виенската конвенција за дипломатија забранува истакнување на било кое име пред да се предадат акредитивите. Така што сите имиња кои циркулираат во јавноста сеуште можете да ги сметате на ниво на шпекулации или можеби како лични најави. И јас лично и МНР секогаш настојуваме имињата да не се објавуваат се додека не се добие позитивен одговор од земјите каде се испраќаат амбасадорите,“ посочи Претседателот.

alt

Во однос на актуелните случувања во земјата и најавените протести поврзани со случајот „Монструм“и петкратното убиство кај Смиљковци, претседателот Иванов нагласи дека протестот е демократско право, но за прашања кои се однесуваат на работата на судот не може да се искажува став низ таква форма.

„Потребно е судот да се остави да донесе непристрасни одлуки согласно законите,“ нагласи претседателот Иванов.

Тој оцени дека надлежните институции ги спроведуваат своите активности во рамки на своите надлежности, воедно упатувајќи апел протестите да се во граница на јавна пристојност.

„Има прашања за кои не може да се искажува таков револт и став, а тоа е работата на судот. Кога имаме едно грозоморно убиство треба да го оставиме судот да донесе одлука непристрасно, согласно законите, што е практика во секоја земја кога има таков чин. Затоа апелот е секој да го искаже својот став, меѓутоа прашања кои се од наш интерес, кога како држава и како кандидат и за ЕУ и за НАТО мора да покажеме сериозност и капацитет, и институционално да се справиме со ваквите проблеми,“ изјави претседателот Иванов, одговорајќи на новинарско прашање по денешната посета на Министерството за надворешни работи.


Претседателот Иванов присуствуваше на Фестивалот на пролетни веселби Хид-Бах-Сент Фест во Чалакли, Валандово
Сабота, 05 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, го посети селото Чалакли во валандовско, каде присуствуваше на свеченото отворање на традиционалниот фестивал на пролетни веселби Хид-Бах-Сент Фест.

Фестивалот, кој се одржува секоја година на почетокот на мај, е воспоставен во 1992 година и опфаќа бројни активности - фолклор, изложби на ракотворби и фотографии, концерти, театарски претстави, традиционално пеливанско борење и фудбалски турнир.

Оваа манифестација, како дел од традицијата на турското население, претставува прослава на пролетните празници, воедно промовирајќи ги турската култура и обичаи. Фестивалот го одбележува празникот Хидерлез кој го означува почетокот на новиот циклус во природата и нејзината обнова, и претставува славење на животот, од каде потекнува и мотото на фестивалот. На фестивалот Хид-Бах настапија повеќе уметнички друштва од Македонија, Турција, Бугарија, Романија и Грција.

Оддавајќи почит кон турската култура и обичаи, претседателот нагласи дека Република Македонија е татковина на мноштво култури кои со својата посебност и карактеристики придонесуваат кон разноликото културно наследство на земјата. Турското население, кое живее на овие простори со векови, е неодвоив дел од македонската традиција на соживот и почитување, придонесувајќи кон богатиот културниот колорит.

alt

Македонското знаме припаѓа заедно со другите во Европа – Одбележан денот на Европското знаме
Сабота, 05 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и амбасадорот на Европската унија во Македонија Аиво Орав, денеска во претседателскиот кабинет Вила Водно, симболично ги разменија знамињата на Република Македонија и на ЕУ во рамки на одбележувањето на Европскиот ден на знамето.

И двете знамиња, планинарите со марш ќе ги однесат на врвот на Водно, што како што истакна Претседателот, укажува на патот кон Европа кој Македонија треба да го помине за да стане дел од европското семејство.

„Се надеваме дека еден ден и нашето знаме ќе биде заедно со сите знамиња на европското семејство и нашите граѓани ќе ги уживаат сите придобивки што ги имаат и европските,“ нагласи претседателот Иванов, изразувајќи надеж дека оваа манифестација ќе ги поттикне сите да целат кон врвот, и да ги достигнат вредностите и придобивките на останатите граѓани на Европа.

На церемонијата на размена на знамињата претседателот Иванов му порача на шефот на делегацијата на ЕУ дека местото на македонското знаме е заедно со другите знамиња во Европа, таму каде што приородно и припаѓа.

„Ние како земја сме географски дел од Европа, и вредносно и културно и во секој поглед и припаѓаме на Европа,“ потенцира македонскиот претседател Иванов.

Евроамбасадорот Орав изрази надеж дека со овој симболичен настан ќе се покаже дека Македонија наскоро ќе се придружи на европското семејство.

Со низа културни, спортски и образовни манифестации во Скопје и низ други градови во Македонија се одбележува Денот на Европа-9 мај, се прославува заедништвото и обединувањето.

Планинарскиот марш, кој тргна од пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и преку Кабинетот на Претседателот продолжи кон врвот на Водно, е во организација на Европското движење на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија.

 

Претседателот Иванов се сретна со најдобрите студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа
Четврток, 03 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во својот Кабинет ги прими студентите со највисок просечен успех од втора година на студиите на факултетите по општествени науки на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов истакна дека постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат превид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава.

За време на дво-часовната средба со Претседателот, 20-мината најдобри студенти од општествените науки ги изложија своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби во високото образование.

Лиридона Велиу, која студира политички науки, посочи дека младината е голем ресурс на една држава, но во недостиг на добра перспектива може да биде и голем проблем за неа.

„Сметам дека ваквите средби со Претседателот се навистина позитивни и се добра можност тој да се запознае со нашите проблеми, очекувања и тоа што сакаме да бидеме во иднина. Ова е добра можност да се запознаеме со луѓето кои само ги гледаме преку екран,“ истакна Велиу.

Меѓу основните забелешки презентирани од страна на студентите е адаптацијата на Болоњскиот процес во македонскиот образовен систем – кредит трансфер системот, размената и мобилноста на студентите. На средбата со претседателот, студентите се интересираа  и за можностите за стипендирање, продолжување и усовршување на своето образование во европските научни центри, што би им овозможило нивните искуствата од светот потоа да ги пренесат во нашата држава.

„Не ги гледаме нашите перспективи само во Македонија, туку и надвор, да видиме што можеме да научиме и да придонесеме за нашата држава,“ посочи студентката Аријета Реџепи. Таа додаде дека нивната средба со претседателот Иванов е добра можност да разговараат за начините за решавање на проблемите.

Според студентите на УЈИЕ, општествените науки во нашата држава генерално се потценети со ограничена перспектива за вработување, што отвара дополнителни прашања за нивната иднина по дипломирањето. Претседателот Иванов им порача да не губат надеж и со своето знаење да се пробиваат низ општествената хиерархија, затоа што квалитетот секогаш излегува на површина. Со самото тоа што вие сте меѓу најдобрите студенти имате основа да бидете успешни во животот, рече претседателот Иванов.

Од интерес на студентите е, исто така, да имаат поголеми можности за пракса и практично усовршување. Тие акцентот го ставија на квалитетот на задолжителната пракса и забележаа дека практичните настави кои ги организираат факултетите се често неефикасни. Студентите посочија на потребата од назначување на ментор во рамки на компанијата или институцијата каде се одвива праксата, кој ќе ги води низ практичните искуства.

Претседателот Иванов им честита на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, истакнувајќи дека го радува фактот што отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем.

„Вие сте генерација на аудио-визуелни медиуми, и во такви услови пристапот до информациите и знаењето е голем. Преку интернет можете да најдете информации за стипендии и други можности за студирање и доусовршување. Владата на Република Македонија, исто така доделува околу 200 стипендии годишно за студирање во странство,“ истакна Претседателот и ги охрабри студентите да аплицираат.

Студентите беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што Претседателот покажа интерес и грижа за нивното студентско секојдневие и наставната програма по која што го надоградуваат своето знаeње, и изразија поддршка и за идни средби од овој вид. Тие исто така изразија благодарност до претседателот Иванов за доделувањето Орден за заслуги на УЈИЕ, по повод 10-годишнината од основањето на Универзитетот.

alt


lit
Грубаускаите: Литванија ја поддржува Македонија, но за компромис за името потребна е волја и од двете страни
Вторник, 01 Мај 2012

Доколку се почитува меѓународното право и превземните обврски, можно е Македонија да постигне напредок на престојниот совет на ЕУ во јуни, изјави денеска во Вилнус македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов, по средбата со шефот на литванската држава, г-а Далиа Грубаускаите.

„Оваа подрршка од балтичките држави за нас е суштествена, бидејќи се повикуваат на позитивен пример кој е веќе применет во проширувањето. Така што доколку се почитуваат преземените обврски меѓу нас, доколку се почитуваат позитивните примери и правната рамка, можен е почеток на претпристапните преговори. Ние се надеваме дека е можно да се најде решение но останува да видеме како ќе реаграат другите членки на Унијата,“ истакна претседателот Иванов во однос на прашањето дали има реални шанси до европскиот совет во јуни да се излобира поддршка и Македонија да добие датум за преговори.

Трите балтички земји, Литванија, Летонија и Естонија со заедничка изјава побраа од данското претседателство Македонија да се најде на агедната во јуни и на земјата да и се одреди датум за почеток на преговори за членство. Сепак, спорот со името останува клучна бариера во македонските интеграцаии. Литванскиот претседател оцени дека компромис може да изнајдат единствено Македонија и Грција, но доколку и двете страни имаат волја да се реши прашањето. Притоа потенцираше дека без решение за името, политички е невозможно членството на Македонија во ЕУ.

„Секаде во Европа, односите и понатаму се многу чуствителни, без разлика дали во вашиот, или во нашиот случај. Но сакам да ви кажам, никој освен вие лично не може да најде компромис и решение со вашиот сосед. Никој во ваше име нема да го живее вашиот живот и да го открие решението. Во Европа сите земји живеат на основа на наоѓање компромис во односите. И двете страни треба да пристапат кон компромис, но и двете земји треба да имаат волја да постигнат компромис и волја да се реши прашањето. Ако нема волја за решавање на било кое прашање, ќе нема ниту решение. Никого не можам конкретно да го советувам, како да постапи конкретно, тоа е во рацете на вашата и на грчката влада, како вие во иднина ќе живеете заедно. Но, за да се живее во ЕУ треба да се најде компромисно решение со Грција. Без такво решение, политички, практично ќе биде невозможно да се размислува за членство,“ оцени претседателката на Литванија Далиа Грубаускаите, нагласувајќи дека и Литванија била во слична ситуација и дека нивните соседи не секогаш имале разбирање.

По летонскиот претседател Берзинс, денеска и првиот човек на литванската држава изрази отворена поддршка за македонските интеграции.

„Литванија е поддржувач на Македонија и македонските подготовки за пристапување кон ЕУ и НАТО. Литванија ја подржува Македонија во приближувањето кон овие две институции. Обучуваме македонски државни служнбенци и се обидуваме да бидеме од корист на патот кон ЕУ. Имаме многу работи кои може да ги споделиме со вас и има потреба да го направиме тоа,“ истакна Грубаускаите.

Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната помош и принципиелната поддршка од Литванија на планот на евроинтегрцаиите, изрази надеж дека односите меѓу двете земји ќе се продлабочат и во други области, истакнувајки дека Балтикот е позитивен пример и очекува успехот на овој регион да го доживее и Балканот.

Двајцата претседатели се навратија и на кошкаркарскиот успех кој токму во Вилнус го доживеа македонската репрезентација, што беше дополнителен повод и причина Литванија подобро да ја запознае Македонија. Иванов и Грубаускаите изразија очекување односите меѓу двете земји во полето на спортот да продолжат да се унапредуваат.

grabauskaite1Прашани за коментар дали ќе присуствуваат на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Централна и ЈИ Европа кој ќе се оддржи во Јалта, имајќи предвид дека еден дел од ЕУ претседателите не го прифатија учеството поради тензиите во Украина, претседателот Иванов изјави дека ја добиле поканата и ја профатиле, но дека Македонија внимателно ја следи состојбата и ќе постапи согласно сопствените интереси. Претседателката на Литванија, пак одговори дека тие однапред се согласиле за учество, притоа посочувајки дека Украина сепак треба да се однесува согласно демократските начела и да ги почитува човековите права, бидејќи земјата ќе напредува во интеграциите само доколку има поддршка од другите земји.

Во рамки на посетата на македонската делегација на Литванија, замениците министри за култура на двете земји, потпишаа билатерален договор за соработка меѓу двете влади во областа на културата, како чекор кон продлабочување на односите меѓу двете земји.

Со денешната средба со литванскиот претседател, претседателот Иванов ја заврши балтичката турнеја. Засилентите дипломатски активности на македонскиот државен врв имаат цел засилено лобирање во пресрет на самитот на НАТО во Чикаго и претстојниот јунски совет на ЕУ.

 

Преговорите за името и евро-интеграциите на Македонија да се одвиваат паралелно – заедничко барање на балтичките земји
Понеделник, 30 Април 2012

Преговорите околу билатералниот спор за името и евроинтеграциите на Република Македонија треба да се одвиваат како два паралелни процеси, оценува парламентот на Република Литванија. По денешната средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е во работна посета на Литванија, потпретседателот на литванското собрание и Претседавач со комитетот за европски прашања, Чесловас Станкевичиус, изјави дека спорот со името не смее да го попречува евроинтеграцискиот процес на Македонија, туку преговорите под покровителство на ООН  и претпристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ,  да  се одвиваат паралелно.

Овој став во форма на заедничка изјава на Претседавачите со Комитетите за европски прашања на Литванија, Латвија и Естонија, е доставен до нивниот дански колега, Ева Кјер Хансен, а потоа и на состанокот на комитетите за европски прашања на националните парламенти на земјите членки на ЕУ (COSAC), кој се одржа во Копенхаген.

Трите балтички земји во заедничкото писмо го повикуваат данското претседателство  на следниот Совет на Европската Унија, во јуни, да го постави на агендата прашањето за почеток на претпристапните преговори со Македонија, како и да се побара позитивна одлука од Советот.

„Заедно со другите земји, пред сè со двете останати балтички држави, ја изразивме нашата поддршка за почеток на претпристапните преговори со Македонија. Неодамна потпишавме посебна изјава, сите балтички држави, и ја доставивме  на конференцијата на COSAC во Копенхаген.  Силно го поддржуваме членството на Македонија во ЕУ, и од секој аспект сметаме дека прашањето за името треба да се решава паралелно, без да го попречува процесот на интеграции,“ изјави по средбата со Иванов, потпретседателот на литванското собрание, Чесловас Станкевичиус.

Во заедничката изјава, балтичките земји потенцираат  дека билатералниот спор треба да се реши во рамки на постојните релевантни договори.

Веруваме дека постојните разлики меѓу страните околу името на земјата кандидат, не треба да ги попречуваат, ниту да влијаат на почетокот на претпристапните преговори со ЕУ, и да се решат со одвоени преговори, со добра волја согласно  резолуцијата 817 (1993) на ООН, како и Времената Спогодба од 13 септември 1995. Секое заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на ООН, треба да биде поддржано и прифатено, стои во писмото.

Во заедничкиот заклучок се истакнува  дека  институциите на ЕУ во неколку наврати го поздравиле напредокот на Македонија во клучните реформски области и дека земјата ги исполнува превземените обврски од Договорот за асоцијација и стабилизација.

Воедно потписниците ја подвлекуваат препораката од Европската Комисија за почеток на преговори со Македонија, како и заклучокот на Советот од 5 ти декември 2011, во кој стои дека Советот е подготвен да се наврати на ова прашање во текот на следното претседателство.

На средбата, македонскиот претседател Иванов и потпретседателот на литванското собрание Станкевичиус, изразија задоволство од отпочната соработка на параламентарно ниво и интерес за јакнење на политичкиот дијалог и соработка во сите сфери од заемен интерес. Литванија, меѓу другото изрази подготвеност за пренесување на нивното искуство и експертиза.

Иванов денеска во Вилнус се сретна и со министерот за надворешни работи на Литванија Аудрониус Ажубалис и со претседателот на литванското собрание, Ирена Дегутиен. Прашањето за името, напорите за деблокада на интеграциите, пресудата на МСП, биле дел од темите на разговор, а претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната поддршка.

Со утрешната средба со претседателот на Република Литванија, Далија Грубаускаите, претседателот Иванов ја заокружува балтичката турнеја. Во рамки на посетата, замениците министри за култура на Македонија и Литванија ќе потпишат и билатерален договор за соработка меѓу двете влади во полето на културата.

Засилените дипломатски активности на македонскиот државен врв имаат за цел лобирање поддршка за Македонија во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго и претстојниот европски совет во Брисел.


 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 59