Говори и обраќања
Конференција за значењето и улогата на активниот и резервниот состав на вооружените сили во 21 век
Понеделник, 23 Април 2012

Обраќање на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов на воведната сесија на конференцијата „Улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во поддршката на нивните мисии и задачи во регионалната и глобалната безбедносна средина во 21 век“:

Почитуван министер за одбрана Бесими, почитуван началник на Генералштабот на Армијата, генерал Котески, почитуван генерал Николовски, ценети гости, дами и господа,

Во годината кога прославуваме две децении од формирањето на Армијата на Република Македонија, со задоволство ја прифатив поканата да учествувам на овој настан. Настан посветен на значењето и улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во 21 век.

Неодамна, заедно ја одбележавме 20-годишнината од денот кога составот на резервни воени старешини ја презедоа одбраната на границата на нашата татковина. Тоа е патриотизам на дело, посветеност која не завршува во моментот кога ќе ја соблечете униформата. Посветеност за која сме ви благодарни.

Почитувани присутни,
Истрајноста е одлика на храбрите. Знаеме дека храброста на резервниот состав на Армијата на Република Македонија и натаму останува еднакво силна и непроменета. Од друга страна, светот се менува. За да биде одржлива, безбедноста во 21 век треба да биде сеопфатна. Треба да ја гарантира сигурноста и на поединецот и на општеството. И на државата, но и на меѓународната заедница.

Ризиците од еден дел на светот се пресликуваат и во другите делови на светот. Предизвиците на новото време – глобалниот тероризам, пролиферацијата на оружја за масовно уништување, меѓународниот организиран криминал, претставуваат закана за сите нас. Затоа, ние инвестираме во нашата и во европската безбедност. Затоа, Република Македонија континуирано ги става на располагање своите мировници за одбрана на вредностите на слободата и демократијата во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан.

Верувам дека и во овие променети услови можеме да сметаме на вас. Сакам да знаете дека постои реална потреба за резервните сили. Имаме активен состав на Армијата на Република Македонија, но имаме предвидено и активна резерва. Верувам дека резервната компонента треба да има соодветна улога и место во Армијата на Република Македонија. Армија која ги исполни критериумите за членство во НАТО.

За жал, како што е многупати досега констатирано, формално, иако не и суштински, нашата желба е попречена и тоа поради еден апсурден и наметнат спор. Не сме задоволни, но не сме ни обесхрабрени. И покрај незадоволството, ние нема да го напуштиме партнерството. И покрај препреката, остануваме фокусирани на она што е наш дел од обврските. Исправноста на нашето досегашно одговорно однесување беше само потврдена со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресуда што нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Пристап кој значи почитување на пресудата и на меѓународното право. Сево ова подразбира дека земјите-членки на НАТО треба да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО. Почитувањето на пресудата, на меѓународното право, и конечно, на Времената спогодба, налага во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт.

На самиот крај, на организаторите и на учесниците на оваа значајна конференција сакам да им посакам успешна работа.

Ви благодарам.


Да создадеме економија чиј главен двигател ќе бидат иновациите - Балкански инвестициски форум
Среда, 18 Април 2012

Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на првиот Балкански инвестициски форум, кој се одржува под негово покровителство, а во организација на Балкан Унлимитед.

Почитувани, ценети екселенции, дами и господа,

Ми претставува особено задоволство да ви посакам добредојде на првиот Балкански инвестициски форум во Скопје. Овој значаен настан ја става Македонија на мапата на постојните европски средби на претприемачи, иноватори и инвеститори. Од денес, Македонија и нејзините регионални соседи официјално се вмрежуваат во големото европско семејство на инвеститори и претприемачи во иновативните сектори. Преку ваквите средби се промовираат размените на новитети, искуства и можности кои на претприемачите им помагаат да ги спроведат на дело своите бизнис-идеи.

Знаеме дека една идеја може да промени сè. Бил Гејтс имал идеја, но кога почнал да бара инвеститори, некои го одбиле, сметајќи ја неговата идеја за премногу ризична. Можеме да претпоставиме како се чувствуваат денес. Затоа, верувам дека токму ваквите настани се предизвик и можност за презентирање нови идеи. Идеи кои можат да создадат соработка од која се раѓаат следниот Епл, Мајкрософт, Скајп, Џенентек.

Информатичко-комуникациските технологии го менуваат светот во кој живееме, или како што вели Томас Фридман, светот го прават рамен. А, рамниот свет е еднакво достапен до сите оние поединци и групи, земји и региони кои се вклучени во овој глобален феномен. Тоа е можно денес, во време на глобализација, во време кога секоја компанија може да ги продава своите производи преку Интернет.

Особено ме радува тоа што на овој инвестициски форум гледам голем број меѓународни инвеститори. Сигурен сум дека овде ќе најдат високотехнолошки иноватори и претприемачи од Балканот и со нив ќе создадат инвеститорски и стратешки партнерства.

Почитувани,
Некои сметаат дека улогата на Владата и, воопшто, државата во поддржување на науката, технологијата и иновациите - се мери со тоа колку пари се вложуваат во истражувања и развој. Парите се важна метрика, но тие го изразуваат само инпутот, а не и аутпутот. Вистинското прашање што јас го поставувам е: Kако можеме да постигнеме повеќе со помалку ресурси? Тоа бара иновативен одговор! Тоа бара да размислуваме надвор од рамката.

Постојат разни показатели за економската развиеност на една земја, како што се, на пример: бруто-домашниот производ, големината на странските инвестиции, инфраструктурата и енергетиката. Но, вистинската движечка сила за економскиот развој на една земја се токму претприемачите и иноваторите. Вие, кои размислувате поинаку од другите, сте вистинските поттикнувачи на економскиот развој, двигатели и лидери на општествениот напредок.

Доколку прашате претприемач: Во што се состои најголемиот предизвик за започнување  некој бизнис, најчестиот одговор е: Да се најдат и да се задржат вредните луѓе. Работливоста е скапоцена, бидејќи тешко се наоѓа. Но, ве уверувам дека нашиот најголем ресурс се токму нашите граѓани со нивната работливост, креативност и посветеност.

Нашата најголема инвестиција е едукација на генерациите кои доаѓаат. Притоа, наша најголема одговорност е преку образованието да го култивираме духот на отвореност, инвентивност и решителност. Преку отвореноста, се ослободуваме од традиционалните, застарени начини на размислување кои нè ограничуваат и кои ни стојат на патот кон иднината. Преку инвентивноста ги создаваме идеите кои ќе ја придвижат економијата, науката и општеството. А преку решителноста, се натпреваруваме со ризикот. Впрочем, да се биде претприемач значи токму тоа – натпревар со ризикот. Човек кој не се откажува дури и кога не успева, на крајот секако ќе успее. Сè што е потребно е да има волја да продолжи. Затоа, не треба да се плашиме, туку да учиме од неуспехот. Во услови кога Интернетот ги глобализира и ги локализира светот и светската економија, нема поголем ризик од тоа да не се презема ризик.

Почитувани присутни,
Светот сè уште закрепнува од глобалната економска и финансиска криза. Единствениот начин на кој можеме успешно да ја пребродиме кризата и да создадеме одржлива економија втемелена врз слободниот пазар, конкурентноста и квалитетот, е да ја охрабриме работата на малите и средни претпријатија. Тие се носители на економскиот развој на секоја успешна земја.

Нашата визија е да создадеме економија во која главен двигател ќе бидат токму иновациите. Нашата цел е Република Македонија да стане земја на иноватори и иновации. Верувам дека истата визија ја споделуваат и нашите соседи. Заедно можеме да придонесеме во развојот и создавање пазар. Пазар во кој компаниите, малите и средни претпријатија ќе се натпреваруваат секогаш со нови и единствени идеи, производи и услуги, користејќи ги притоа софистицираните производни процеси. На нас останува да создадеме поволни услови преку стратешко планирање, создавање соодветна законодавна рамка и институционален развој. Бизнисмените и инвеститорите ќе ги согледаат потенцијалите и ќе  обезбедат потребна финансиска поддршка.

Верувам дека оваа значајна конференција е платформа за таквиот развој бидејќи ја поттикнува синергијата меѓу инвеститорите, претприемачите, иноваторите, научниците, носителите на одлуки и бизнисмените, на национално и регионално ниво. Воедно, ја поттикнува иновацијата како една од најисплатливите инвестиции. Убеден сум дека овој настан за многумина менаџери и претприемачи ќе биде инкубатор за нови бизниси и за освојување на нови пазари. Особено ме радува што е прв во низата слични планирани годишни форуми во регионот.

На самиот крај, би сакал да ви порачам: Tempus fugit - carpe diem! Времето лета – искористете го денот! Искористете ги можностите кои се пред вас. Склучувајте партнерства, инвестирајте во Република Македонија, инвестирајте во нашиот регион. Завршувајќи со оваа мисла, го прогласувам првиот Балкански инвестициски форум за отворен!

Ви благодарам.


Свечено отворање на Меѓународниот конгрес „Балканот на Евлија Челеби“ во МАНУ
Вторник, 17 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на Свечено отворање на Меѓународниот конгрес „Балканот на Евлија Челеби“, посветен на 400-годишнината од раѓањето на познатиот отомански патописец. Конгресот, кој се одржува под покровителство на претседателот Иванов, е организиран од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Центарот за цивилизациски студии при Универзитетот „Бахчешехир“ (МЕДАМ) од Турција.

„Како нас нè виде Евлија Челеби“

Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Камбовски, ценети учесници, дами и господа,

Добре дојдовте во Република Македонија, добре дојдовте во градот Скопје. Античкиот биограф Диоген Лаертиј, во биографијата за Питагора, зборува за песната за која се претпоставува дека славниот филозоф им ја посветил на античките жители на овој град - Скопијадите. Песна која започнува со една многу важна поука која Питагора ја научил од жителите на градот: „Не биди бесрамен кон никого“. Може да се каже дека и ден-денес, оваа мисла е неформалното мото на Скопје.

Верувам дека за ова непишано правило биле свесни речиси сите патници и патописци кои дошле во Македонија и го посетиле Скопје. Денес сме тука за да зборуваме за еден од најпознатите светски патописци, човекот кој во наследство ни ги остави цивилизациските траги за нашето, балканското минато – Евлија Челеби.

Почитувани присутни,
УНЕСКО ја прогласи минатата година за година на Евлија Челеби, во чест на 400-годишнината од неговото раѓање. Годинава одбележуваме и 330 години од неговата смрт. Секако, тоа е причина повеќе да ја отворам оваа меѓународна конференција за Балканот на Евлија Челеби, тука, во Македонија. Оваа можност ќе ја искористам за да ги споделам, со вас, моите размислувања за големиот патописец.

Неговите погледи, кои понекогаш се обременети со предрасуди, сепак ни овозможуваат да го спознаеме неговиот и, воопшто, османлискиот поглед на Балканот во 17 век. Евлија Челеби за време на своите патувања, неминовно се среќавал и со немуслимански и неосманлиски вредности и концепти, идеи и обичаи, кои делумно ги пренесувал во своите записи. На тој начин, патописецот придонесе кон градењето разбирање меѓу народите, културите и цивилизациите.

Иако со својата творечка фантазија, Челеби понекогаш преувеличува, поради што некои негови искази треба да се земат со резерва, сепак, неговите записи се значајни извори, не само за историјата и географијата, туку и за етнографијата и антропологијата, економијата и архитектурата на нашите простори, на Балканот, на Македонија, на Скопје.  Посетувајќи го Скопје, во 1660 година, тој запишал:

„[Чаршијата] брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите, чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите. Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Алеп.“


Слични импресии споделил и за другите македонски и балкански центри кои ги посетил за време на своите патувања. Тука неминовно се наметнува прашањето: Во што се состои тајната на богатството на Скопје, на Македонија, но и воопшто, на Балканот? Богатство кое пред нашите очи го слика Челеби. Која е причината за економскиот,  за културниот и за општествениот напредок на Балканот во минатото? Верувам дека тајната лежи во отворениот простор. Простор кој создал поволни услови за трговија, за размена на идеи, верувања и погледи, за луѓе со отворен ум.

Ценети присутни,
Само 29 години по посетата на Евлија Челеби на Скопје, убавината на градот ќе ја потврди и австрискиот генерал и современик на Челеби, Енио Силво Пиколомини. Но, за разлика од славниот патописец кој Скопје го остави во надеж, познатиот војсководец градот зад себе го остави во пепел.

По одбраната на Виена во 1683 година, Австрија, заедно со останатите земји од Светата Лига, премина во контраофанзива, длабоко навлегувајќи на териториите на Османлиската Империја, сè до Македонија. Пиколомини со војската стигнал во Скопје, каде беснеела епидемија на колера. Во своето писмо од 31 октомври 1689 година до царот Леополд I, Пиколомини го вели следново:

„Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со продукти […] Сега се решив, но многу неволно, градот под пепел да го закопам. Ми беше жал за зградите какви во оваа војна не бев видел, џамиите од мермер и порфир со илјадници кандила и позлатени алкорани на кои човек би им посветил внимание и во Рим, убавите куќи, бавчи и забавишта... големите резерви средства за живот, сето тоа на пламенот морав да го предадам. […] Чадот го затемнуваше сонцето на 26 октомври  и следниот ден. Ние стоевме на еден висок рид и под звуците на војничките инструменти го гледавме пожарот на ова убаво место, навистина не без мака и жалење, додека ми навираше помислата дека и убавите предградија на Виена ја доживеаја истата судбина.“

Пожарот насилно го прекинал процутот на градот. До темел изгореле многу куќи и дуќани, но епидемијата не престанала. И самиот Пиколомини се заразил од колера и наскоро починал. А, од Скопје останале само градбите од камен, Калето, неколку џамии, црквите Свети Димитрија и Свети Спас, и големиот Карван – Сарај. На градот му биле потребни два века за да закрепне од трагедијата. Од 60.000 жители, бројот на населението се намалил на 10.000. Во наредните 200 години Скопје бил мал и непознат град, сè до средината на 19 век кога повторно се вратила трговијата, занаетчиството и кога почнале да се градат нови објекти.


Дами и господа,
Во 1901 година, речиси 250 години по Евлија Челеби, Македонија ја посетил рускиот публицист Александар Валентинович Амфитеатров.  Во својата книга „Земјата на раздорот“ Амфитеатров ги споделува импресиите за богатството на земјата, и меѓу другото вели:

„Економската состојба на македонскиот селанец не го натажува руското око: селанството руско и бугарското во кнежевството е победно од македонското. […] Само минувајќи и со свои очи видувајќи го југот на Македонија, вие можете во полна мера да разберете зошто за тој крај со толкава жестокост спорат и се борат толку народности, секако прогласувајќи го за свој затоа што е тоа - градина, вистинска градина! Селаните не изгледаат запустени, нивната облека е шарена и богата, околу селата пасат многу стада, насекаде се слуша словенски говор...Бугарските села во кнежеството се далеку понечисти. За нашите и да не говорам.“

Амфитеатров ја нарекува Македонија земја на раздорот, земја за која се водат битки од нејзините соседи. Ако Челеби ја остава Македонија во надеж, а Пиколомини во пепел, Амфитеатров ја остава во превирање, раздор и поделба. Тоа важи и за Балканот. Нашиве простори ги зафатија две балкански војни, две светски војни, Студената војна и крвавиот распад на југословенската федерација кој настапи по крајот на блоковската поделба.

Сево ова нè наведува на едно хипотетичко прашање: Што би кажал денес Евлија Челеби за Балканот? Балкан кој, по турбулентните 90-ти години на минатиот век, денес, сè уште е поделен и затворен, Балкан во кој сè уште опстојуваат стравот и предрасудите кои ги создава затворениот простор.

Ценети присутни,
Предлагам за миг да го замислиме Евлија Челеби, денес, во нашиот поделен Балкан. Наместо за убавините на градовите и пределите кои ги посетувал, денес Челеби би пишувал за фрустрациите од долгите колони на граничните премини, за бројните формулари и услови кои мора да се исполнат, за сомнителните погледи на граничните службеници. Наместо за љубезноста, срдечноста и гостопримството на луѓето, би зборувал за напорите на младите генерации да заминат од вековните огништа. Да заминат во она што денес претставува синоним за отворен простор – Европа.

Сево ова нè води до уште едно хипотетичко, но донекаде реторичко прашање: Дали во денешни услови, воопшто, би постоел Евлија Челеби? Не смееме да заборавиме дека тој бил хроничар на своето време, благодарение на отворениот простор во кој патувал, комуницирал и учел. Простор во кој речиси непречено се движел, набљудувал, запишувал и споделувал. Простор кој неминовно упатувал на комуникација. А, знаеме дека оној кој комуницира се интегрира, додека оној кој не комуницира се гетоизира.

Евлија Челеби е производ на отворениот простор, истиот оној простор за кој тој пишуваше четири децении. Како висок османлиски службеник, тој ја имал довербата на властите, со кои ги споделувал своите впечатоци, мислења и перцепции за луѓето и народите, за нивните верувања и вредности, навики и обичаи. Со тоа, тој посредно ја менувал перцепцијата и на своите современици, но и на подоцнежните генерации кои ги читале неговите редови. На тој начин, патописецот придонесе кон градењето разбирање меѓу народите, културите и цивилизациите. Оттука и дилемата: Кој би бил современиот Челеби? Дали современ пандан на неговите патописи се извештаите на Европската комисија, на Фридом Хаус или на ОБСЕ? Дали современиот Челеби е интернетот?

Марк Твен рекол: „Патувањето е погубно за предрасудите, фанатизмот и тесноградоста“. Верувам дека Челеби мошне рано станал свесен за оваа голема вистина.

Дами и господа,
На самиот крај, дозволете да ја споделам со вас увереноста дека новото време има потреба од нов Евлија Челеби, кој би можел успешно да ја исполнува својата улога само во услови на отворен простор. Верувам дека оваа конференција ќе даде одговор на дел од овие прашања. Ви посакувам плодна расправа.

Ви благодарам.


alt
15. Евроазиски економски форум во Истанбул - Глобалните развојни цели да се пренесат на регионално и локално ниво
Среда, 11 Април 2012

Поздравно обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на 15. Евроазиски економски форум во Истанбул.

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Вистинско задоволство е да се биде на овој Форум по трет пат. Задоволството е дотолку поголемо бидејќи годинава Евроазискиот форум прославува 15-годишен јубилеј. Јубилеј кој јасно зборува за вредноста на Форумот и за важноста на темите кои се дискутираат. Затоа и благодарам на Фондацијата Мармара за поканата и за добро изведената организација и за топлото гостопримство.

Посебно е задоволството што тука се моите колеги и пријатели од регионот, но и претставници од бизнис-секторот и академската заедница. Темите на годинешниот форум се актуелни и соодветни со времето во кое живееме.

Почитувани,

Верувам дека во наредните неколку дена, ќе имаме плодни дискусии и соочувања за горливите и глобални прашања на денешницата. Ова е добра прилика да го дадеме нашиот конкретен придонес кон изнаоѓање заеднички и одржливи решенија за предизвиците.

Нашата агенда вклучува дел од актуелните прашања на светот: состојбите во однос на економијата, екологијата и енергијата. Проблемот со одржливиот развој, родовата нееднаквост и меѓукултуралниот дијалог. Знаеме дека Обединетите нации, големите регионални организации, како и дел од светските невладини структури, во досегашниот период продуцираа бројни стратегии. Стратегии насочени кон справување со предизвиците и создавање подобар свет. Точно е дека се постигнати и значајни резултати, и дека постојат позитивни промени и темелен напредок. Но, за ова ќе зборувам пошироко на утрешната сесија. Дозволете, само на кратко, да ги сумирам моите согледувања.

Во текот на последната деценија на 20 век, регионот на Југоисточна Европа стана синоним за предрасуди, поделби и конфликти. Во првата деценија на 21 век успеавме да создадеме амбиент за соработка. Но, во оваа, втора декада мораме да го надоместиме она што го пропуштивме. Мора да се поврземе економски, инфраструктурно и енергетски. Глобалните стратегии за исполнување на милениумските развојни цели мора да ги регионализираме, да ги спроведеме на локално и на микро ниво. Убеден сум дека на овој значаен Форум, имаме доволно потенцијал, мудрост и искуство, волја и посветеност за остварување на поставените цели.

Ценети екселенции,

На самиот крај, уште еднаш, ви упатувам искрени поздрави и најдобри желби за ваше здравје, успех и благосостојба.

Ви благодарам.

Прием по повод 20-годишниот јубилеј од основањето на Македонскиот олимписки комитет
Петок, 30 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов  по повод 20-годишнината од основањето на Македонскиот олимписки комитет (МОК), приреди прием, на кој покрај членовите на МОК, присуствуваше и претседателот на Европските олимписки комитети, Патрик Џозеф Хики од Ирска, како и претседателите на олимписките комитети и почесни гости од повеќе европски земји - Словенија, Хрватска, Црна Гора, Германија, Бугарија, Србија, Полска, Босна и Херцеговина и Украина.


Почитувани претставници на Македонскиот олимписки комитет, дами и господа, драги пријатели,

Ми претставува големо задоволство да ви се обратам денеска, на 20-годишниот јубилеј од постоењето на Македонскиот олимписки комитет. Комитет кој изникна од долгогодишната македонска олимписка традиција и бројните успеси на македонските натпреварувачи на Олимписките игри во изминатите педесет години.

Почитувани присутни,
Преку својата моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци, заедници и држави, спортот отсекогаш го истакнувал најдоброто кај луѓето. Спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност. Како инклузивна, а не ексклузивна човекова активност, која подразбира учество наместо изолација, спортот повикува на помирување, особено во мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични општества.

Република Македонија е земја со исклучителни спортски успеси, победи и тимски, и индивидуални. Сведоци сме дека секоја победа позитивно влијае врз македонското општество. Затоа, нашите олимписки херои и нашите спортисти, воопшто, не се само шампиони во своите дисциплини. Тие се воедно и шампиони на добрата волја и надежта. Никогаш не смееме да ги заборавиме луѓето и тимовите кои ја закитија Република Македонија со олимписки медали, затоа што тие се примери кои ни се потребни денес, за подобро утре.

Дами и господа,
Успехот раѓа нов успех. Затоа, ние инвестираме во спортот не само како физичка активност, туку како начин на градење позитивно однесување, посветени поединци кои преку спортот можат да придонесат за напредокот на општеството. Преку спортот треба да подготвуваме иднина за младите и млади за иднината.

На самиот крај, вам, на членовите на Македонскиот олимписки комитет ви посакувам уште многу јубилеи, а на нашите спортисти уште многу олимписки успеси.

Ви благодарам.

alt


Конференција на министрите за одбрана на САД и Јадранската група - „Заеднички предизвици и здружени решенија“
Четврток, 29 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на отворањето на Конференцијата на министрите за одбрана на САД и Јадранската група - „Заеднички предизвици и здружени решенија“:

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа,
Имам особена чест да ве поздравам во Република Македонија, во годината кога прославуваме две децении од постоењето на Армијата на Република Македонија. Армија која ги исполни критериумите за членство во НАТО. Армија која учествува, рамо до рамо, со сојузниците во мировните мисии.

Почитувани,
Пред девет години, Македонија, Албанија, Хрватска и Соединетите Американски Држави ја потпишаа Јадранската повелба. Повелба на партнерство втемелено врз „заедничката визија за мирна Југоисточна Европа, целосно интегрирана во Евроатлантската заедница, посветена на демократијата, на владеењето на правото и почитта кон човековите права и основните слободи“. Девет години подоцна, Албанија и Хрватска се полноправни членки на НАТО, а Јадранското партнерство се прошири со Босна и Херцеговина и Црна Гора. Се радуваме за успехот на Албанија и Хрватска, кој го чувствуваме како наш успех и успех на целиот регион.

Во изминатиот период, партнерството со Соединетите Американски Држави ги поттикна нашите земји да се посветат на негување добрососедство и регионална соработка. Нè поттикна да ги забрзаме и зајакнеме демократските и пазарните реформи во нашите земји, а со тоа и безбедноста, напредокот и стабилноста на регионот.  Сево ова имаше и има една заедничка цел. Целосна интеграција на нашите земји во европските и евроатлантските политички, економски, безбедносни и одбранбени институции. Цел која е запечатена не само со потписите на документите, туку и со активно учество во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

Ценети екселенции,
Денешната конференција е посветена на „заедничките предизвици и здружените решенија“. Предизвиците се сè побројни и поразновидни: глобалната економска криза и нејзините импликации врз регионалната безбедност и развој, енергетската безбедност, но и можностите за примена на НАТО концептот за „паметна одбрана“. Какви и да се предизвиците, верувам дека здружените решенија не вклучуваат само споделени вредности, задачи и одговорности. Тие вклучуваат и споделени права и привилегии кои произлегуваат од посакуваното и, пред сè, заслуженото членство во НАТО.

Оваа конференција е вистинското место, во периодот пред претстојниот  Самит на НАТО во Чикаго, да се сетиме од што, меѓу другото, произлезе Јадранската повелба. Во преамбулата на Повелбата стои дека партнерството произлегува од можноста за заокружување на „целосна нова Европа во која секоја нација, секоја етничка група, секој граѓанин и секоја вера се безбедни, сигурни и почитувани“.

Сакаме да бидеме дел од тие што ја градат новата Европа. Сакаме да бидеме партнери и сојузници со сите наши соседи, и заедно да ја градиме сегашноста и иднината на нашиот регион. За жал, како што е многупати досега констатирано, формално, иако не и суштински, нашата желба е попречена и тоа поради еден апсурден и наметнат спор. Спор во кој се соочуваме со соодветна уцена и ултиматум.

alt

Не сме задоволни, но не сме ни обесхрабрени. Незадоволството не значи напуштање на партнерството и визијата. Напротив, уште сме поохрабрени и силно сме фокусирани на она што е наш дел од обврските. Исправноста на нашето досегашно одговорно однесување беше само потврдена со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресуда што нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Пристап кој значи почитување на пресудата и на меѓународното право. Пристап кој подразбира дека земјите-членки на НАТО треба да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО. Почитувањето на пресудата, на меѓународното право, и конечно, на Времената спогодба, налага во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт. Затоа, се надеваме дека нашиот сосед, во духот на вредностите кои ги споделува со членките на Алијансата, ќе ги почитува договорите, односно обврските од Времената спогодба.

Дами и господа,
Почитувањето на договорите и на меѓународното право се гаранција за побезбеден и понапреден свет. Само така ќе придонесеме кон градењето на најголемиот мировен проект – обединета, слободна и безбедна Европа.

Ви благодарам.


 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 18