Во историјата на секоја земја има периоди исполнети со неизвесности, со победи и порази, со успеси и неуспеси, со искористени и неискоритени можности. Впрочем и целата историја на човештвото претставува еден перманентен процес на промени кои го дефинираат напредокот на цивилизациите. Наша задача е да ги осознаваме тие процеси и промени, да ги користиме можностите и да ја насочуваме својата држава во вистинскиот правец.
Денес, пред таков процес на промени, пред предизвик, е исправена и Република Македонија и сите нејзини граѓани. Република Македонија го знае својот одговор на тој предизвик - да се биде дел од европското семејство на демократски народи.
За Република Македонија членството во Европската унија претставува најзначаен проект во остварувањето на националните и државните интереси и стремежи. Интегрирањето во Унијата е јасно препознаен правец и цел кон која државата се движи перманентно по осамостојувањето.
Европската унија во повеќе наврати го изрази ставот дека нејзиното последно проширување нема да значи затворање на вратите, туку напротив, дека Европа ќе биде целосна дури кога и балканскиот регион ќе биден нејзин составен дел. Последното проширување на Унијата и здобивањето на пријателска Република Хрватска со статусот на земја-кандидат за членство е уште еден доказ за отворањето на нејзините врати и кон нашиот регион.
Европската Комисија наскоро ќе ни го достави Прашалникот чие соодветно пополнување е предуслов за членство. Без оглед на неговата очекувана обемност и сложеност, Република Македонија има обврска, остварувајќи оптимална координација на сите институции и капацитети, успешно да одговори на сите прашања, со што ќе го динамизира своето приближување кон Унијата. Во одговорите ќе биде содржана нашата решеност, знаење и јасна национална определба дека сме подготвени да ги исполниме критериумите неопходни за членство во Европската унија.
Во изминатиов период Република Македонија постигнаа многу во насока на достигнување на утврдените стандардите и критериуми. Демократските вредности кои владеат во Унијата веќе се и наше секојдневие. Активно се работи и на приближување на домашното законодавството до европското, а во следниот период ќе треба да работиме и на квалитетно спроведување на донесените закони и на доследно спроведување на правото. Важна задача која ни претстои е создавање на поволни економска клима и подобрување на условите за влез на странски директни инвестиции.
Европскиот проект е главниот интегрирачки фактор на сите релевантни структури во Република Македонија. Него го поддржуваат и македонци и албанци и срби и власи и турци и роми. За неговата реализација вреди сите целосно да се посветиме и да го насочиме сиот наш потенцијал. Заедно да ги надминеме недоразбирањата од минатото и заедно да ја градиме и живееме иднината. Тоа е патот кој го поминале сите земји кои денес се дел од евро-атланските структури. Тоа е патот кој и ние ќе треба да го изодиме. Нивното искуство покажува дека на тој пат вреди да се истрае. Само така ќе бидеме единствени дома и обединети и интегрирани во регионот и во Европа. Само така ќе станеме дел од Унијата и ќе си обезбедиме просперитетна иднина.
Потребно е да бидеме промотори на европските вредности во сите сфери од нашето живеење и работење за да се здобиеме со статусот земја-кандидат за членство, а потоа и целосно да ги реализираме нашите аспирации - Република Македонија да стане рамноправен член на Европската унија. |